Рокот истекува утре: Ваучери за таблет подигнале 5.161 студент
Од вкупно пријавените 7.290 студенти на конкурсот 5.273 ги исполнија условите да добијат ваучер. Одбиени се 1.797 кај кои е утврдено дека родителите имале повисоки приходи...

Студентите уште утре од факултетите каде студираат можат да подигнат ваучери од 8.000 денари за набавка на таблет со тастатура што се доделуваат преку проект на Владата. До вчера 5.161 студент ги подигнале ваучерите, а тоа треба да го направат уште 80 избрани преку конкурсот што го спроведе Министерството за информатичко општество и администрација.
Од вкупно пријавените 7.290 студенти на конкурсот 5.273 ги исполнија условите да добијат ваучер. Одбиени се 1.797 кај кои е утврдено дека родителите имале повисоки приходи од утврдените со конкурсот, како и 368 кои не го исполниле условот да бидат редовно запишани за првпат во завршната трета или во четврта година.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната седница на Собранието за пратенички прашања оцени дека со проектот е постигнат огромен успех затоа што најголем дел од избраните 5.273 студенти веќе се стекнаа со вредносен ваучер.