Стратешки пристап за решенија за кризата

24.06.2015 17:16

Закон за национална безбедност, јакнење на независноста на институциите, поголем ангажман на интелектуалците во општествениот живот – ова се дел од пораките од дебатата со наслов „Политичка и безбедносна криза во Македонија и стратешки пристап за системски решенија“. Дел од учесниците со став: во земјава има политичка, но не и безбедносна криза...

Во Република Македонија  во моментов има политичка, а не безбедноска криза, вели аналитичарот Владимир Божиновски на научна дебата организирана од Факултетот за безбедност. Смета дека интелектуалците  во општеството треба да  се вклучат во дебата што е  суштинска за Македонија.

„Имаше обид за дестабилизација, но сметам дека тоа се реши, така што во моментов од сите релевантни извори- безбедносна криза не постои. Останува решавање на политичката криза. Ако политичката криза продолжи можно е да се појави безбедносна криза, тоа е веќе друго прашање“, вели Владимир Божиновски – аналитичар.

Според професорот  Жидас Даскаловски потребни се нови системски решенија за да се зајакнат  поголем број  независни институции, како Државен завод за ревизија , совет за радиодифузија ,Народниот правобранител, антикорупциската комисија и ДИК.

„Ние во 2001 година имавме ситуација на криза кадешто четирите лидери решаваа. Не смееме да дозволиме повторно лидерите да решаваат, туку институциите да си функционираат. Овојпат граѓаните треба да бидат свесни, тие да направат притисок да се променат нештата во Македонија, во самите партии, институции, во самиот систем“, смета проф. д-р Жидас Даскаловски.

Професорот Баткоски, пак, смета дека е потребен Закон за национална безбедност.

„Безбедносниот ситем треба да се преуреди со тоа што ќе се формира Совет за национална безбедност кој ќе го водат заедички премиерот и претседателот на државата. Овој совет ќе има многу поинаква улога во безбедносниот систем, каде е исклучително важно да се има навременост и ефикасност во дејствувањето“, вели проф. д-р Томе Баткоски.

МВР со оглед на плуралистичкиот систем да се растовари од УБК, по примерот на Словенија, Хрватска и Србија, вели Баткоски, со што според него, би се направиле помали служби по бројност, но поефикасни.

Наташа Гркова- Петрушевска