Промовирана втората Национална стратегија за безбедност на патиштата

25.06.2015 15:45

Превентивните активости, координирани и подржани со зачестените контроли на сообраќајната полиција придонесоа за задржување на трендот на намалување на сообраќајните незгоди и бројот на загинати и повредени годинава...

Бројот на жртви во сообраќајни несреќи до 2020-та значително да се намали за 30 проценти, повредени за 40, бројот на деца- жртви да се сведе на нула. Ова е главната стратешка цел на Втората национална стратегија за унапредување на безбедноста на патиштата 2015-та 2020-та.

„Она што е најважно за сите е свеста, бидејќи независно какви мерки ќе се преземаат, дали ќе се подобрува безбедноста на патиштата, дали возилата ќе бидат посоодветно опремени за несакани удари, на крај доколку не се поседува свест дека секој од нас носи одговорност за постапките во сообраќајот, а таа свест треба да ја пренесуваме на тие што се околу нас, пред се на нашите деца, тогаш било каква стратегија нема да вроди со успех“, изјави вицепремиерот и претседател на Координативното тело за безбедност на сообраќајот на патиштата, Владимир Пешевски.

Дефинирани се и 10 приоритетни области на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Од најранливата категорија, пешаци, возачи, алкохолот, пречекорување на брзината, агресивното возење и употребата на мобилните телефони. Со препораките од стратегијата, МВР ќе продолжи со зголемени контроли на критичните делници преку преземање казнени мерки за прекршителите.

„Поучени од досегашните резултати и искуство од превентивното дејстување на МВР во унпаредувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата, а со цел да одговориме уште посилно за спроедување на предвидените мерки и активности, пристапивме кон зајакнување на организациската и функционалната поставеност“, изјави министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Оваа стратешка цел за безбедност во сообраќајот е дел од правилата на ЕУ. Нејзиното исполнување  во текот на наредните 5 години се очекува да даде резултат до 50 жртви помалку на годишно ниво. Кампањите вродија со плод. Во првите 6 месеци лани 71 жртва ,истиот период годинава 52. За 20 насто бројот е намален.

 

Наташа Гркова- Петрушевска