Самит на ЕПП

Груевски: Препораките ќе ги имплементираме со многу брза динамика

25.06.2015 17:34

Владата експресно ги прифати препораките на Европската комисија. Нашиот план е да ги имплементираме со многу брза динамика“- изјави премиерот Груевски по завршувањето на самитот на Европската народна партија во Брисел. Побарал поддршка Македонија да остане во фокусот за понатамошното проширување на унијата...

На денешниот самит на најголемата политичка групација во ЕУ, Европските надорни партии (ЕПП), премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја искористи можноста да го задржи фокусот на вниманието кон нашата држава. Тој ги информираше челниците на ЕПП за воспоставените реформи, како и за зголемнувањето на стандардите во сите области.

„Ова беше добра можност да се сретнам со повеќемина од присутните и неформално да поразговарам со нив, пред се за Македонија, а поврзано со актуелната политичка криза и нашите заложби за надминување на оваа криза. Како што знаете, Владата експресно ги прифати препораките на Европската комисија, поврзани со воведување на натамошни реформи и зголемување на стандардите во повеќе области, претежно области покривани од поглавјата 23 и 24. Нашиот план е тоа да се одвива со многу брза динамика, па така и ќе се одвива. Од друга страна, прикажувајќи ги двете позиции, и нашата и онаа на опозицијата, и конечно нашите планови да направиме се што е потребно да се излезе од оваа ситуација колку што е можно порано“, изјави Груевски за МРТ по завршувањето на Самитот на ЕПП.

На денешниот самит н ЕПП, најголем дел од времето беше посветен на темите на економската криза, релациите меѓу Брисел и Атина, како и алармантната состојба со мигрантите од кризните подрачја.

Како што информираше премиерот, на средбата јасно било кажано дека најпогодени се државите од Јужна Европа, и дека било констатирано дека проблемот не може да се решава во националните граници, туку за тоа е потребна и заедничка европска политика.

На состанокот, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, поднел план кој се однесувал на точно прецизирани квоти, а дали истиот ќе се прифати ќе се знае на самитот на Европскиот совет кој започнува вечерва во Брисел.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ