Премиерот Груевски на бизнис форум во Париз

26.06.2015 10:40

Целта е презентација на можностите за инвестирање и поволностите кои се нудат во Македонија како и поврзување на повеќе успешни бизниси водени од македонски и претприемачи низ Европа и светот ...

Македонска владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски е на бизнис форум во Париз. Претставување на можностите за инвестирање и за правење бизнис во Македонија, поврзување на успешните домашни компании со потенцијални партнери од странство, развој на домашното стопанство- ова е целта на бизнис форумот што попладнево се одржува во Париз, во организација на „Македонија 2025“.

Предвидени се три панели: за инвестициските можности, потоа дел посветен на успешните бизнис приказни од Македонија и од нашата дијаспора, можностите за идна соработка, како и директни средби со заинтересираните инвеститори.

Форумот ќе го отвори нашиот амбасадор во Париз, Агрон Буџаку, а македонската делегација која ја предводи премиерот Никола Груевски, придружуван од министерот за странски инвестиции Горан Мицковски, за надворешни работи Никола Попоски и директорот за Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекеровски.