Нова метода на Клиниката за неврохирургија
Преку крвните садови до мозочните артерии – на Клиниката за неврохиругија нова метода на лекување. Пациентите кои ја поминаа интервенцијата успешно закрепнуваат...

55 - годишен пациент со аномалија на крвните садови на мозокот со нова метода e успешно опериран на Клиниката за неврохирургија. Преку крвните садови се доаѓа до затнатите мозочни артерии без отворање на черепот. Тимот на клиниката работи со помош на колегите од Словенија.
„Досега решавањето на аномалиите на крвни садови на мозокот се изведувало со класичен пристап, односно со отворање на черепот микрохируршки, ослободување и решавање на аномалијата, сега не се отвора черепот, туку преку крвните садови се доаѓа до мозочните артерии и до аномалијата на мозаокот каде се решава ендоваскуларно, без отворање на черепот“, изјави д-р Александар Чапаровски, директор на Клиниката за неврохирургија.
Ова е втор пат на Клиниката за неврохирургија да се изведе ваква метода. Во февруари годинава успешно беа оперирани двајца пациенти. Се очекува до крајот на годината овие интервенции на клиниката да бидат рутински.
„Станува збор за минимално инвазивна метода за лечење на пациенти со церебрални аневризми, тумори на базата на черепот, малформации и мозочен удар, која овозможува скратено болничко лекување, намалување на бројот на пост-процедурални компликации, како и намален морбилитет и морталитет“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
Ова е една од новите 100 методи што ги воведува Министерството за здравство. Преку нив ќе се подигне степенот на квалитет на здравствени услуги и помал број на пациенти ќе се испраќаат на лекување во странство.
Андријана Атанасовска
