Со субвенции се решава проблемот со вишокот домати

26.06.2015 17:16

Со 6,5 денари по килограм ќе се субвенционираат земјоделците кои ќе ги предаваат презреаните домати во преработувачките капацитети. Оваа привремена мерка ќе важи до 15-ти јули и буџетот ќе го чини околу 70 илјади евра...

Владата го решава проблемот со вишокот домати. Со 6,5 денари по килограм ќе се субвенционираат земјоделците кои ќе ги предаваат презреаните домати во преработувачките капацитети. Оваа привремена мерка ќе важи до 15-ти јули и буџетот ќе го чини околу 70 илјади евра.

„Доматите ќе бидат преработени во доматен сок. Цената на откупот на овие домати во конзервната индустрија е околу четири денари така што имајќи предвид дека тоа е многу ниска цена за да можат земјоделците да ги покријат производните трошоци, како Влада им излегуваме во пресрет“, изјави министерот за земјоделство Михаил Цветков денеска во Владата.

Според министерот Цветков, досега извозот на македонскиот домат оди добро и овој месец се извезени околу 6,5 илјади тони домати.