Можностите за бизнис во Македонија претставени во Париз
На бизнис – форум во Париз, на едно место се собраа инвеститори, бизнисмени од македонската дијаспора кои се дел од организацијата „Македонија 2025“, домашнии компании. За француските компании, Македонија е добро место за инвестирање...

ИКТ- секторот, агробизнисот, обновливите извори на енергија – три сектори со најголем потенцијал за економска соработка со Франција. На бизнис – форум во Париз, на едно место се собраа инвеститори, бизнисмени од македонската дијаспора кои се дел од организацијата „Македонија 2025“, домашнии компании.
„Сакаме да ја активираме нашата дијаспора, да ја анимираме да се запознае со Македонија. Сакаме да знаат што се случува во Македонија, какви се можностите и атмосферата за водење бизнис во Македонија“ – изјави Роберт Арсов, претседател на „Македонија 2025“
За француските компании, Македонија е добро место за инвестирање – согласни и двете страни.
„Македонија нуди најниски трошоци и не мислам само на даноците. Ние се многу конкурентни кај трошоците за логистика, енергија, работната сила“ – нагласи премиерот Никола Груевски.
„Мислам дека бизнис – климата е подобра и сметам дека француските компании треба да го зголемат своето присуство во Македонија“ – изјави Чарлс Паради, Македонско – француски совет.
Тоа го покажува и искуството на француските компании кои веќе инвестирале во земјава. Задоволни се од бизнис – климата.
„Нашето искуство во Македонија е првокласно. Од Владата покажаа разбирање за сите работи за кои разговаравме, а кои се издржани. Начинот на кој тие имаат интеракција со бизнисот е подобар од било кое друго место, а мислам дека другите европски држави можат да научат важна лекција од Македонија за начинот на привлекување странски инвеститори. Имаме постојан дијалог и 24 – часовен пристап до владините претставници“ – вели Стив Шарп, инвеститор во Македонија.
Премиерот Груевски пред присутните на форумот ги претстави бизнис – потенцијалите на земјава, можностите за инвестирање, предностите на македонската економија.
„Имав директни состаноци со многу бизнисмени кои покажаа интерес да дојдат во Македонија, да инвестираат, да тргуваат, да пласираат македонски производи во Франција. Овде има многу луѓе кои работат за компании – увозници во Франција и преку нив може да издејствуваме извоз на македонски производи на францускиот пазар“ - изјави премиерот Груевски.
Францускиот бизнис – форум беше организиран од „Македонија 2025“, организација формирана во 2007-та година од познати бизнисмени со македонско потекло, а со цел креирање на просперитетна економска клима во Република Македонија, продлабочување на соработката, создавање нови бизнис – можности, привлекување странски инвестиции и отворање нови работни места.
Мартин Пушевски
