Грција: Банките затворени, граѓаните повлекле милијарди
Во екот на туристичката сезона владата ги затвори грчките банки и берзата. Одлуката е донесена по незадоволството од Атина откако кредиторите не го продолжија рокот за отплата на долгот од над 320 милијарди евра. Крајниот датум за првата транша од 1,5 милијарди евра е 30-ти јуни. Грчката криза ги спротистави американските и европските гледишта, Вашингтон бара отпис на долговите. До полноќ од грчките банкомати беа извлечени една третина од депозитите...

Страв и неизвесност деновиве владеат во Грција, а масовната паника меѓу населението дека банките ќе останат без пари ја зголеми финансиската дупка од која земјата се обидува очајнички да излезе. Низ целата земја до доцна во ноќта можеа да се видат долги редици луѓе пред банкоматите како чекаат за да извадат пари. Проценките се дека од банките во рок од неколку недели се извлечени неколку милијарди евра, но работите се влошија во последните 48 часа кога голем дел од граѓаните побрзаа пред банкоматите.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас синоќа соопшти дека побарал од лидерите на европските институции и од членките на еврозоната да ја изменат одлуката за прекин на програмата за помош на Атина. Тој нагласи дека грчката влада ќе ги гарантира банкарските депозити и исплатата на плати и пензии за населението, потврдувајќи ја при тоа владината одлука за времено затворање на банките и на атинската берза. Грчката влада исто така порача и дека нема да има ограничувања за странските туристи за подигнување на пари од банките во земјата. Парламентот во Атина со178 гласови за синоќа ја одобри одлуката за референдум. Ципрас ги повика граѓаните да гласаат против договор со кредиторите бидејќи тие барале нови кратења во платите и пензиите и зголемување на ДДВ на храната.
„Грчкиот народ мора да се изјасни. А кога ќе се изјасни и ќе каже гласно НЕ на референдумот, предлозите на кредиторите ќе бидат многу подобри. Референдумот го гледаме како продолжување на преговорите преку различни средства. Референдумот не е начин да го напуштиме еврото, туку начин да останеме во Европа“, изјави Џорџ Катругалос, заменик министер за внатрешни работи на Грција.
Ципрас додаде дека одлуката на кредиторите на Грција за отфрлање на барањето на Атина за „кусо продолжување“ на финансиската програма за спас, претставува „чин без преседан“, чија цел е да се доведе под сомнеж способноста на една земја да го реши проблемот што го загрозува нејзиниот суверенитет.
ЕЦБ вчера соопшти дека внимателно ја следи состојбата во Грција со масовното повлекување на пари од грчките банки и дека е подготвена да ја „преразгледа својата одлука“. Последните анкети покажуваат дека поголемиот број грци сепак сакаат да го задржат еврото и дека би сакале да останат во Еврозоната стравувајќи дека во спротивно земјата ќе замине во стечај.
Марина Автовска
