Берово на мапата на странските туристи
Не се само Охрид, Дојран или Преспа туристички центри во земјава, и Берово е на мапата на туристите од Европа кои на истокот уживаат во оваа реномирана воздушна бања. Природните убавини, македонската храна и пешачките патеки се магнет за гостите. Статистиката покажува дека во Берово годишно поминуваат околу 15 илјади туристи...

Онаму кадешто реката Брегалница навлегува во малешевската котлина на самото нејзино грло од свете страни е распространет градот Берово.
Густата зимзелена шума со која изобилува беровскиот крај е вистинска воздушна бања. Гости има од цела Македонија, но најмногу од Струмица, Куманово, Кочани и Скопје. Според официјалната статистика во Берово годишно поминуваат околу 15 илјади туристи.
Покрај гостите од Македонија, малкумина знаат дека ова мало градче во последните години намамува стотици туристи од Европа и тоа најмногу во летниот период. Берово од година во година е се поатрактивно за туристите од Холандија, Бугарија и Грција.
Туризмот има тенденција да се прерасне во главна економска дејност. Затоа интенизвно се работи на подобрување на инфраструктурата, подобрување на сместувачките капацитети и на едукација на локаланото население за начините на промоција на сопствените апартмани преку Онлајн огласување.
Македонската храна, вкусно приготвена на старински начин зачинета со мирисите на локалните билки е прв избор на гостите кои сакаат да го вкусат традиционалниот специјалитет.
Во убавите вили покрај беровскиот езерски бисер, сместување може да се најде и за 600 денари. Во хотелите сместувањето е околу 1800 денари.
Малешевскиот регион има 140 археолошки локалитети кои чекаат да бидат истражени. Локалната власт прави напори за нивна промоција со цел привлекување на што поголем број на туристи.
Но, не само љубителите на археологијата наоѓаат задоволство во Берово. Тука се и европските велосипедисти кои се почесто го вцртуваат градот на мапата дестинации кои треба да се посетат. За авантуристите се маркирани пет пешачки патеки, а дел од нив може да се искористат и за велосипедизам.
Анита Димитријевска
