Техничките струки непривлечни за полуматурантите
Почна второто пријавување од првиот уписен рок за полуматурантите. Учениците досега најголем интерес покажале за гимназиите, средните медицински и економски училишта. Во голем број скопски гимназии нема да има втор уписен рок, додека во некои технички училишта за да се привлечат поголем број осмооделенци се намалуваат поените за упис...

Додека голем дел од гимназиите веќе ги пополнија квотите, техничките средни училишта ги намалуваат поените за упис за да привлечат основци. Ваква е сликата и во електротехничкото „Михајло Пупин“. И покрај потребата од вакви кадри на пазарот на трудот, надлежните се изненадени од малиот интерес за овие струки.
Економското, гимназиите и медицината и годинава најатрактивни за полуматурантите. Апелите не ги предомислиле основците да се запишат во некои од техничките училишта.
Втор уписен рок нема да има во скопските гимназии „Никола Карев“, „Георги Димитров“, „Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, медицинското училиште „Панче Караѓозов“, а во второто пријавување остануваат уште 20 слободни места за струките во економскотото „Васил Антевски- Дрен“.
На ниво на држава, во второто пријавување од првиот уписен рок има слободни околу 23.000 места. Резултатите ќе бидат објавени на 1 јули. Училиштата кои нема да ги пополнат квотите ќе запишуваат полуматуранти до 29 август.
Викторија Милевска
