5 нови компании ќе отворат 3.000 работни места

29.06.2015 17:26

Пет нови странски компании ќе почнат бизнис во Македонија. На терен се прават подготовки за новите фабрики во економските зони. Се потпишуваат договорите, се регрутираат кадрите. Новите инвестиции ќе донесат вработување за околу 3.000 луѓе...

За десетина дена најава за 5 нови инвестиции и околу 3.000 вработувања. На теренот се прават подготовки за новите фабрики во економските зони. Се потпишуваат договорите, се регрутираат кадрите. Од владата велат- отворањето нови работни места и привлекувањето на странски инвеститори останува нивен приоритет.

„Сите овие странски инвеститори кои донесоа одлуки да инвестираат во Македонија, независно од фазата во која што се наоѓаат, дали имаат потпишано договори, или се очекува наскоро започнување на изградба на нивните капацитети, во целиот период активно регрутираат кадри“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Премиерот најави три нови инвестиции, а претходната недела објави дека уште две компании ќе почнат бизнис во Македонија. Новите инвеститори ќе донесат вработување за околу 3.000 луѓе. Летово се очекува две глобални компании од автомобилската индустрија да го објават својот влез во земјава. Едната од нив ќе биде во Скопје, другата фабрика ќе се отвори во југоисточниот дел на земјава и ќе обезбеди работа за 1.500 луѓе. Трите нови компании што вчера ги најави Груевски ќе вработат 1.200 луѓе.

„Бил Павлески ме информираше за две нови инвестиции. Тој ме информираше дека се завршија преговорите со една компанија за производство на делови за автомобилска индустрија, главни компоненти во секој автомобил, и самата компанија веќе донела одлука на бордот на директори да инвестираат во нова фабрика во Пробиштип, во која планираат да вработат 280 луѓе и да инвестираат 15 милиони евра. Истовремено тој ме информираше дека друга германска компанија за производство на електрични уреди исто така донесе одлука на нивниот борд на директори да инвестираат во ТИРЗ Скопје 30 милиони евра и да вработат 500 лица. Од друга страна неделава министерот Висар Фида ми најави дека една швајцарска компанија која произведува соларни панели има донесено интерна одлука за инвестиција од 11 милиони евра и до 500 вработувања, исто така во зоната во Скопје“, изјави премиерот Никола Груевски.

Во време на светска и европската должничка криза стапката на невработеност во земјава од 38 се намали на 27,3 проценти.

 

Сунчица Николоска