Конечна пресметка меѓу Грција и Еврозоната

30.06.2015 10:21

Ципрас бара гласачите да го отфрлат последниот предлог на кредиторите, а Јункер бара Ципрас да го потпише на време за да биде потврден на вонредниот состанок. Грција ќе ги искористи сите правни средства да не биде исфрлена од еврозоната, ако треба и ќе се обрати до Европскиот суд на правдата – се закани шефот на грчките финансии Варуфакис. Денеска е последниот рок Атина да му ја плати на ММФ ратата од 1,6 милијарди евра...

Грчкиот премиер Ципрас им порача на гласачите да го отфрлат последниот предлог на кредиторите на референдумот и дека јасно гласање против мерките за штедење нема да доведе до излегување на Грција од Еврозоната, туку ќе и помогне да издејствува подобар договор за решавање на кризата.

„Не верувам дека ќе не исфрлат од Еврозоната. Економската цена за тоа е преголема. Финансискиот товар е преголем да се растура Еврозоната“, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција.

Ципрас навести и своја можна оставка – „Ако грчкиот народ сака да има понижен премиер, такви ги има многу, но тоа нема да бидам јас“, рече во интервјуто за државната телевизија.

„Ако грчкиот народ сака да продолжи со бесконечни планови за штедење од кои нема да можеме да кренеме глава, ќе го почитуваме тоа, но нема да го спроведуваме ние“, рече Ципрас.

За време на говорот на Ципрас, пред парламентот во Атина десетици илјади Грци излегоа на протестот „ОХИ“ за да и изразат поддршка на левичарската влада по денот што ги затече со затворени врати на банките, долги редици пред супермаркетите, празни бензински пумпи и неизвесност за иднината на Грција.

„Слушнавме дека некои филијали ќе отворат. Немам кредитна картичка, затоа дојдов овде“, изјави еден пензионер.

„Прочитавме на интернет дека попладне ќе можеме да ги подигнеме целите пензии. Дојдов да ја земам пензијата на мајка ми, немам кредитна картичка“, вели друг.

Европските лидери со јасна порака дека е се поизвесно излегување на Грција од еврозоната - еврокомесарот Јункер ги повика Грците да му се спротивстават на премиерот Ципрас, додека ирската влада ја повика Атина да го следи нејзиниот пример и да се врати на преговарачката маса.

Денеска истекува последниот рок во кој Грција треба да му ја плати на ММФ ратата од 1,6 милијарди евра.

Ивана Салтировска