Доделени наградите за најуспешните апликации на „Open Data Hackathon“ натпреварот

30.06.2015 12:48

Повеќе од 50 учесници изработија апликации со користење на отворени податоци од државните институции. Апликацијата која ја изработија првонаградените му помага на корисникот да го пронајде најблиското паркинг место...

Јордан Крстевски и Ивана Талеска со апликацијата „nowPARK.me“ се првонаградени на натпреварот на Мајкрософт , кој траеше од 3-ти до 22-ри јуни. Повеќе од 50 учесници изработија апликации со користење на отворени податоци од државните институции. Апликацијата која ја изработија првонаградените му помага на корисникот да го пронајде најблиското паркинг место до дадената локација, а дава и информации за слободни места за паркирање.

Наградите денеска ги доделија министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и генералниот директор на Мајкрософт во Скопје, Стефан Плавјански.

Министерот Ивановски истакна дека со Open Data Hackathon натпреварот, се подигна интересот кај младите за отворените податоци, кои можат да ги користат при реализацијата на своите идеи.

„Со отворени 154 бази на податоци, Македонија не само што е лидер во регионот, туку и пошироко и за тоа има признание од Институтот за отворени податоци. Најискористена е базата за Адресар на детски градинки  со 294 преземања, па Буџетот на РМ со 105 преземања и Адресарот на приватни детски градинки со 93 превземања“, рече министерот Ивановски.

Втората награда ја доби Стеван Костовски за апликацијата „SmartPhonebook“, која ќе им  помага на корисниците да знаат кој од нивните контакти го променил операторот и колку би ги чинел повикот.

Третонаградени се Кристијан Арсовски и Дарко Котоски за апликацијата „CultureApp“, која ги прикажува сите театри и кина во Македонија и во која може да се погледне репертоарот на секој театар поединечно, да се купат и/или резервираат карти.