Последен рок за Атина да му исплати 1,6 милијарди евра на ММФ

30.06.2015 13:00

Вечерва до 23 часот, истекува последниот рок за исплата на грчкиот долг кон ММФ. Врвот на ЕУ и дел од шефовите на влади се откажаа од воздржаноста, отворено апелираат грците да кажат „да“ на референдумот во недела. И додека Ципрас побара од гласачите да го отфрлат предлогот на кредиторите, Јункер му сугерира да го потпише за навреме да одржи итен состанок. Грција се заканува ако биде отфрлена од еврозоната, ќе ја тужи пред Европскиот суд на правдата...

Последна пресметка меѓу Грција и Еврозоната, пред истекот на последниот рок за исплата на долгот кон ММФ вечерва во 23 часот. Премиерот Ципрас побара од гласачите да го отфрлат предлогот на кредиторите на референдумот. Претседателот на Европската Комисија Јункер бара Ципрас да го потпише на време, за да има Еврозоната доволно време за вонреден состанок.

„Не верувам дека ќе не исфрлат од Еврозоната. Економската цена за тоа е преголема. Финансискиот товар е преголем да се растура Еврозоната“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Ципрас навести и своја можна оставка – „Ако грчкиот народ сака да има понижен премиер, такви ги има многу, но тоа нема да бидам јас“. Во интервјуто за државната телевизија рече дека убедливо „против“ мерките за штедење ќе и помогне на Грција да преговара за поповолно решение на кризата.

„Ако грчкиот народ сака да продолжи со бесконечни планови за штедење од кои нема да можеме да кренеме глава, ќе го почитуваме тоа, но нема да го спроведуваме ние“, нагласи Ципрас.

„Европските договори не предвидуваат излегување од Еврозоната и нема да го прифатиме тоа“, се закани шефот на грчките финансии Варуфакис и најави дека Грција ќе ги искористи сите правни средства да не биде исфрлена, ако треба и ќе се обрати до Европскиот суд на правдата. Пред парламентот во Атина, десетици илјади Грци излегоа на протестот „Охи“ за да и изразат поддршка на левичарската влада по денот што ги затече со затворени врати на банките, долги редици пред супермаркетите, празни бензински пумпи и неизвесност за иднината на Грција.

„Изминатите 5 години програмите за помош донесоа апсолутна сиромаштија во земјава. Младите бегаат во странство за да најдат работа. Државните богатства се распродадени. Време е да ја земеме нашата иднина во сопствени раце“, изјави демонстрант.

Ситуацијата во Грција внимателно ја следи и Кина, која сака земјата да остане во Еврозоната и побрзо да постигне договор со кредиторите, а ирската влада ја повика Атина да го следи нејзиниот пример и да се врати на преговарачката маса.

 

Ивана Салтировска