Скопје домаќин на фудбалскиот Суперкуп
Арената Филип Втори која ќе биде претесна да ги собере сите љубители на фудбалот. Ќе се бара билет повеќе за да се ужива во играта на најголемите фудбалски имиња, идоли на многу генерации...

Големиот фудбалски спектакал ќе се одигра на арената Филип Втори која ќе биде претесна да ги собере сите љубители на фудбалот. Ќе се бара билет повеќе за да се ужива во играта на најголемите фудбалски имиња, идоли на многу генерации.
Половина од капацитетот или 15 илјади места се резервирани за странски гости. Според статитистиката на УЕФА, толкав е бројот на навивачи што биле присутни на досегашните финалиња. Ова е одлична можност, Македонија да ја искористи шансата и преку спортот да се промовира како туристичка дестинација и да заработи.
„Тие доаѓаат и еден дел од денот го трошат во Скопје. Нормално е дека ќе трошат, ќе купат сувенири, да прошетаат на некои места. Нашата припрема би требало да биде таква што ние би ги опремиле со инфорамции за тие да ги остават своите пари тука“, вели туристичкиот водич, Гордана Јанакиевска.
„Суперкупот на Европа е исклучително комплекен настан, во негова организација нема да учествува само една институција. Затоа сите треба да го дадат својот максимум, Македонија да биде на ниво. Од аспект на она што го нуди арената Филип Втори за одржување на еден ваков натпревар, од аспект на телевизиската продукција, сметстувачките капацитети, од организацијата на натпреварот. Ова е голема шанса за Македонија, исто како што е и голема чест“, смета спортскиот новинар Тони Стојановски.
Угостителите чии локали се во близина на стадионот веќе имаат стратегија да ги привлечат гостите.
„Ќе имаме специјално мени со намалени цени, пристапни за секој, за да може да си купи сендвич, да се напие да се освежи и да оди на утакмица“, вели угостителот Томче Каранфилов.
Најголемиот спектакал некогаш одигран во земјава, ќе бара и дополнително адаптирање на трибините, приодите, влезовите и коментаторските кабини.
„Ова е историски ден за македонскиот фудбал. Македонија како самостојна држава никогаш не добила ваква можност да организира толку голем настан од светски рамки. Можно е во Скопје на националната арена да истрчаат фудбалери како Лионел Меси, Кристијано Роналдо или Вејн Руни, да гледаме тимови како Манчестер Јунајтед, Барселона или Реал Мадрид “, изјави Златко Андоновски, портпарол на ФФМ.
Фудбалскиот супер куп во просек го следат 300 милиони гледачи низ светот. Цената на билетите се движи од 7 до 30 евра.
Годинава, европскиот Суперкуп кој е врвна фудбалска претстава ќе се одржи во Тбилиси, Грузија, а за трофејот ќе се борат Барселона и Севиља.
Анита Димитријевска
