Значително намален трендот на препишување антибиотици

30.06.2015 16:10

По 300 милиони дози дневно антибиотик се трошат во клиниките и болниците низ земјава, но, оваа бројка е двојно намалена во споредба со 2011-та година. Најголем потрошувач е Инфективната клиника, таму се даваат и по 140 милиони дози дневно...

Препишувањето на антибиотици во земјава бележи тренд на намалување. По 300 милиони дози дневно антибиотик се трошат во клиниките и болниците низ земјава, но, оваа бројка е двојно намалена во споредба со 2011-та година. Најголем потрошувач е Инфективната клиника, таму се даваат и по 140 милиони дози дневно. Нашите лекари не препишуваат повеќе антибиотик од колегите во Бугарија, Романија и Италија.

„Докторите во Македонија покажуваат исклучително добро познавање во однос на пропишувањето на антибиотиците, меѓутоа неопходно е континуирано да се работи на едукацијата и на обновувањето на знаењето и на зголемувањето на свеста не само кај докторите туку и кај населението“, изјави д-р Голубинка Бошевска, Институт за јавно здравје.

55 лекари од земјава успешно ја минаа он-лајн обуката за рационално препишување на антибиотици организирана од Универзитетот во Стенфорд, Медицинскиот факултет и СЗО. Надлежните велат треба да се работи и на едукација на граѓаните.

„Покрај намалувањето на бројот на препишани антибиотици, сепак и понатаму треба да се работи на убедување и укажување дека понекогаш навистина нема потреба да се земаат антибиотици дека понекогаш најдобро е да се воздржиме“, изјави д-р Данило Ло Фо Вонг, регионалната канцеларија на СЗО за Европа.

Оваа обуката е прва во Европа од ваков вид.

 

Андријана Атанасовска