МПЦ ги утврди членовите на комисијата која ќе разговара со СПЦ

30.06.2015 16:39

Македонската Православна Црква ги утврди членовите на комисијата која ќе разговара со српските владици за изнаоѓање решение за статусот на МПЦ. Тоа пред еден месец го стори и Српскиот сабор. Во следниот период комисиите би требало да ги направат првичните контакти...

Митрополитите Петар, Тимотеј и Наум и Епископот Климент се членови на Комисијата на Синодот на МПЦ која ќе разговара со српските владици за изнаоѓање решение за статусот на црквата. Ова денеска го одлучија мнозинството владици во Македонскиот синод откако пред еден месец Комисија за разговори со МПЦ утврди и српскиот сабор.

Тројцата македонски митрополити беа членови на Комисијата која во 2002-та го потпиша Нишкиот нацрт договор кој предвидуваше автономија на МПЦ, но тогаш синодот не го прифати договорот. По денешната седница владиците не дадоа изјави.

Српската црква на Саборот одлучи нивни претставници во Комисијата за разговори со МПЦ да се владиците Иринеј Бачки, Амфилохие, Грегориј и членот на ПОА, Давид.

Првите двајца важат за исклучително тврдо крило во Српската црква, кои не прифаќаат афтокефалност за МПЦ. Саборот, откако прифати да разговара, даде и ултиматум – дијалогот би почна само ако престанел прогонот на Вранишковски и на неговите приврзаници.

На крајот од минатата година МПЦ побара милост за Вранишковски од властите, по што тој кон средината на јануари беше ослободен. Руската црква до сега неколку пати понуди да посредува во разговорите. МПЦ тоа го прифати, српските владици не се изјаснија конкретно.

Во следниов период Комисиите би требало да ги направат првичните контакти.

 

Миле Ристески