Седумгодишно девојче почина во Заводот за рехабилитација во Битола
За случајот, кривично се гони одговорниот дефектолог. Битолската полиција поднесе кривична пријава за 46-годишната воспитувачка – дефектолог во Заводот за несовесно работење...

7 годишно девојче почина во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас во Битола. За случајот, кривично се гони одговорниот дефектолог. Битолската полиција поднесе кривична пријава за 46-годишната воспитувачка – дефектолог во Заводот за несовесно работење.
„Пријавената на 30 април годинава го пропуштила должниот надзор што го имала како воспитувач-дефектолог во Заводот и несовесно постапила во вршењето на должностите и овластувањата, со што и нанела штета со смртни последици на малолетничката, како резултат на труење со корозивна супстанција“, изајви Сања Стаматова, портпарол на СВР-Битола.
Првиот човек на Заводот е изненаден од кривичната против дефектологот. За тоа дознал од медиумите.
„Лицето кое е обвинето сеуште нема добиено официјални документи дека против неа има кривична пријава. Дали постои вина или не од страна на нашиот вработен ќе се покаже во понатамошната судска постапка“, вели Илија Насевски, директор на Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот – Битола.
Заводот згрижува деца со различни проблеми во развојот од три годишна возраст.
Наташа Јанчиќ
