Суперкуп 2017

Македонија ќе биде достоен домаќин на фудбалскиот Суперкуп во 2017-та

01.07.2015 14:44

Историски ден за Македонија и македонскиот фудбал, сигурен сум дека ќе бидеме одлични домаќини како и секогаш, рече првиот човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски. Успеавме заеднички да донесеме настан кој ќе ја промовира Македонија и фудбалот, а корист ќе има и економијата...

Пехарот за супер купот пристигна на арената „Филип Втори“ во Скопје. Историски ден за Македонија и македонскиот фудбал, сигурен сум дека ќе бидеме одлични домаќини како и секогаш, рече првиот човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски. Успеавме заеднички да донесеме настан кој ќе ја промовира Македонија и фудбалот, а корист ќе има и економијата.

„Среќни сме што УЕФА ни ја даде довербата да бидеме организатори на еден настан којшто го следат милиони луѓе ширум светот, препознавајќи ја нашата посветеност кон фудбалот, но и подготвеноста да бидеме добри домаќини на еден ваков голем спортски фудбалски настан“, изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски.

По добивањето на организацијата на Суперкупот, Владата, ФФМ и Градот Скопје ќе формирает Координативно тело кое ќе раководи со целиот проект за да бидат исполнети сите забелешки кои ги има УЕФА. Министерот за транспорт и врски Мисајловски истакна дека досега се вложени околу 63 милиони евра за грандиозниот проект на националната арена и затоа не случајно УЕФА ја одбра Македонија како домаќин на фудбалскиот спектакл.

„Можам слободно на најавам дека арената Филип Втори ќе го добие полниот сјај за да биде достоен домаќин за еден ваков натпревар и да се надеваме дека во иднина и на други натпреварувања од сличен и поголем карактер. За време на настанот се очекува да дојдат десетици илјади посетители, затоа би ја искористл оваа прилика да упатам еден апел до сите угостителски објекти во Скопје, уште од сега да почнат да се подготвуваат и да покажат дека сме добри домаќини“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Паркинг местата, осветлувањето, новинарските ложи, излезите на трибините, санација на теренот се само дел од забелешките на УЕФА. Надлежните уверуваат дека во периодот што претстои напорно ќе се работи за да се отстранат проблемите, за Македонија да биде претставена во најдобро светло. Суперкупот е фудбалски спектакл кој го следат 300 милиони гледачи низ светот.

Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на ваков вид на фудбалски спектакл. За надлежните ова е голема чест, но и голема одговорност за само две години да се организира Суперкупот.

 

Викторија Милевска