Иванов: Лидерите да ги урнат менталните ѕидови, преку дијалог да дојдат до решение
Во Македонија нема физички, туку ментални ѕидови и ровови во кои секојдневно се води политичка битка, а македонските лидери мора да ги срушат или затрупаат – рече претседателот Иванов на меѓународниот научен собир во МАНУ, повикувајќи ги шефовите на политичките партии преку дијалог да дојдат до решение со кое ќе се надмине политичката криза...

Македонските лидери мора да ги урнат менталните ѕидови, да ги затрупаат менталните ровови и што поскоро, преку дијалог да дојдат до решение со кое ќе се надмине политичката криза, смета претседателот Иванов. Шефот на државата констатира дека наместо исполнување на Солунската агенда и интеграција на целиот Балкан, Европската унија се соочува со последиците на светската економска криза и со проблемот со бегалците, што според Иванов, придонесло 30-ина години по падот на Берлинскиот ѕид, Европа да почне да гради нови ѕидови.
„Затворајќи се сама во себе и претворајќи се во тврдина, Европа како да си ги поткопува сопствените темели. Ниту една држава, па дури ни Република Македонија не е имуна на овие процеси. Ветувањето од Солун не само што не е исполнето, туку и политиката на проширување се соочува со стагнација. Цели 10 години, Република Македонија не е на агендата за проширување на Европскиот совет поради блокадата од јужниот сосед. Блокадата доведе до тоа за само шест години да имаме три политички кризи, секоја посериозна од претходната“, изјави претседателот Иванов.
Македонските граѓани со вознемиреност гледаат како со секоја наредна политичка криза менталните ѕидови се надградуваат, а политичките ровови се продлабочуваат, додаде Иванов. Од високите ѕидови и од длабоките ровови, сè потешко е да се види човечкото лице на политичкиот противник, смета македонскиот претседател. Одговорноста не е само на Унијата, подвлече Иванов, туку и на секоја земја- членка и земја- кандидат, вклучително и Македонија.
„Во вакви сложени услови, лидерите на политичките партии во Република Македонија мора што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине оваа политичка криза“, смета претседателот Иванов.
Како што европското лидерство треба храбро да го отвори просторот и да ја интегрира цела Европа во Унија, така и македонските лидери мора да ги урнат менталните ѕидови и да ги затрупаат менталните ровови, рече претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на отворањето на 2-от Меѓународен научен собир „Македонско-словачки книжевни, културни и духовни врски“.
Милчо Велески
