МЕПСО заврши 75 отсто од градежните работи на македонско-српскиот далекувод
Според очекуваната динамика, далекуводот во целост треба да биде готов до септември годинава по што ќе биде ставен под напон...

Целосно се монтирани 80 столбови од 400 киловолтниот далекувод од ТС Штип до македонско-српската граница, а досега се завршени околу 75 отсто од сите предвидени градежни работи, констатира работната група од МЕПСО предводена од Синиша Спасов, генералниот директор на компанијата, во работната посета долж трасата на далекуводот.
Досега се подигнати вкупно 100 столбови од кои во целост се монтирани 80 столбови, а на 20 столбни места во тек е финална фаза на монтажа на конзолите на челично решеткастите столбови. Градежните работи течат на уште 59 столбни, а на некои од нив се поставуваат темелите, а на некои столбни места се плетат столбовите.
Според очекуваната динамика, далекуводот во целост треба да биде готов до септември годинава по што ќе биде ставен под напон и ќе добиеме електроенергетско поврзување со српскиот електропреносен систем, а точки на поврзување се трансформаторските станици во Штип во земјава и во Врање во Република Србија, потенцира Спасов.
Овој далекувод е инвестиција на МЕПСО во вредност од над 11 милиони евра. Околу 10 милиони евра се кредит од Светската банка, а останатите се сопствено учество на МЕПСО. Ставањето во функција на овој преносен вод значајно ќе ја подобри доверливоста и стабилноста на нашиот електроенергетски систем, а ќе го зголеми и преносниот капацитет на мрежата на МЕПСО.
