Грција: Дневно се откажуваат по околу 50.000 резервации
Откажаните резервации „во последен момент“ чинат околу 20 отсто од вкупните во текот на годината, и се голем удар за туризмот во Грција, објави атинското Радио Скај...

Расте бројот на откажани аранжмани за летување во Грција. Од понеделникот дневно по околу 50.000 откажувања на резервации добиваат членките на грчкото Здружение на туристички работници.
Откажаните резервации „во последен момент“ чинат околу 20 отсто од вкупните во текот на годината, и се голем удар за туризмот во Грција, објави атинското Радио Скај.
Грчките медиуми како „драматични“ ги опишуваат последиците за економијата поради затворање на банките и ограниченото располагање со пари, воведено во понеделникот за да се запре масовното повлекување штедни влогови во страв од банкрот на државата.
Здружението на извозници од Грција проценува дека загубите на нивните членки се 80 милиони евра неделно и оти оваа недела како и следната, извозот ќе се намали за седум отсто, а увозот за 28 отсто.
