Земјоделците полесно ќе доаѓаат до кредити од комерцијалните банки

02.07.2015 16:19

Со посебен гарантен фонд ќе се покриваат 50% од потребните банкарски гаранции. Преку него во следните 10 години треба да се пласираат кредити во висина од 20 милиони американски долари...

Се олеснува пристапот на земјоделците до комерцијалните кредити. Со воспоставувањето гарантен фонд, Mинистерството за земјоделство  и УСАИД ќе овозможат банките со поголема доверба да ги кредитираат земјоделците.

Фондот ќе обезбедува 50 отсто од потребните банкарски гаранции. Наменет е за корисниците на ИПАРД, а ќе биде достапен и за капитални инвестиции за модернизирање и унапредување на земјоделскиот сектор.

„Преку овој гарантен фонд земјоделците и корисниците на ИПАРД кои ќе побараат кредити од Комерцијална банка, Халк банка, Прокредит банка или Стопанска банка - Битола потребно е да достават обезбедување, односно гаранција само за 50 отсто од висината на побараниот кредит, додека останатите 50 проценти ќе ги гарантира овој фонд“, изјави министерот за земјоделство Михаил Цветков.

Во следните 10 години ќе бидат гарантирани земјоделски кредити во износ од 20 милиони долари. Овој механизам треба да го забрза развојот на земјоделството и да придонесе за поголем просперитет на домаќинставата во руралните средини.

„Денеска ние обезбедуваме 200 илјади долари од Американската агенција за меѓународен развој и 800 илјади долари од Министерството за земјоделие за да креираме гарантен механизам кој ќе покрива до 50% од секој издаден кредит“, изјави Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД.

За добивање кредити до 200 илјади евра фондот ќе гарантира 50 отсто, а до 500 илјади евра 40 отсто од потребната гаранција на банката. Министерството со тим од 70 агроекономисти ќе им помага на земјоделците во подготовката на апликациите за проектите.

 

Сунчица Николоска