Откриена местенка за фудбалски натпревар

02.07.2015 16:47

МВР откри- фудбалер на Силекс местел натпревар со Металург. На соиграчи им нудел пари за да загубат, но, не испаднало така. Потоа морале да им враќаат пари на Бугари кои се обложиле на победа на противникот...

26 годишен кочанчанец, фудбалер на ФК „Силекс“ заработи кривична пријава. Се сомничи за  местење натпревар. На четворица соиграчи им ветил парична награда по 1.200 евра ако го загубат натпреварот против ФК„Металург“ одигран на 18 мај. Тие ја одбиле понудата, екипата од Кратово тогаш победи, но фудбалерите почнале да добиваат закани по живот од двајца македонски и двајца бугарски државјани по кои се трага. Од нив барале да им го покријат долгот кој настанал зашто изгубиле во обложувалница. Со кочанчанецот неколку пати оделе на средби уценувачите  во Пробиштип.

Фудбалерите во паника штом ја зеле платата од клубот, веднаш им исплатиле на уценувачите. Така уценувачите завршиле со нив, но продолжиле да бараат пари од кочанчанецот оној кој им го ветил конечниот резултат.

Во истрагата пак тој не посочува дали и колку пари земал за да го намести натпреварот. МВР го утврдува идентитетот на уценувачите, по што и тие ќе заработат кривични.

Од полицијата велат дека ова била прва пријава за сомнителен натпревар. Не исклучуваат можност осомничените да местеле и други натпревари.

 

Наташа Гркова- Петрушевска