Аналитичари: Опозицијата не треба да бега од избори

02.07.2015 17:12

Опозицијата не треба да бега од избори - велат аналитичарите. Според нив, договорот од 2-ри јуни е добра основа за решение на политичката криза. Со него се предвидува изборите да се одржат најдоцна до април 2016-та година...

Во пресрет на новата лидерска средба на која ќе се бара излез од политичката криза , договорот од 2-ри јуни е добра основа за решение. Епилог што ќе ја врати државата во нормалниот колосек и ќе овозможи фокусирање на економкските и други важни прашања за граѓаните, сметаат аналитичарите.

Според нив, во интерес на државата политичкиот дијалог треба да заврши со договор и со избори кои како што е веќе договорено треба да се одржат најдоцна до април 2016. На избори секогаш победуваат граѓаните и даваат зелено светло, мандат на партијата за која сметаат дека најдобро ќе ги застапува нивните интереси, велат тие. Според Ивица Јосифовиќ логично е опозцијата да инсистира на избори.

„Нема опозиција која бега од избори. Основа на секоја партија во опозицијата е постојано да бара да има избори. Утре да и дадат избори, опозицијата треба да ги прифати без проблем. Несфатливо ми е опозициска партија во било која држава да бега од избори или да не прифати изборно соочување“, вели Јосифовиќ.

Лидерот на владеачката ВМРО- ДПМНЕ и премиер Никола Груевски кажа дека неговата партија е подготвена за избори, но опозицијата се обидува тие да не се одржат бидејќи ќе се соочеле со најголемиот пораз досега.

Лидерот Заев во неговата последна изјава повеќе се фокусира на судските процеси кои што се водат против него и на формата на преговорите.

Аналитичарите ја поткрепуваат својата теза дека СДСМ се обидува да ги избегне изборите со последните рејтинзи за довербата на политичките партии, која и натаму е во полза на владеачката партија.

 

Миле Ристески