Бејли: Американците се горди што се пријатели и партнери со македонскиот народ

03.07.2015 10:55

На прославата на Денот на Американската независност во амбасадата на САД, амбасадорот Џес Бејли истакна американците се горди што се пријатели и партнери со македонскиот народ, додека се стреми да создаде просперитетна, динамична и мултиетничка демократија...

Многумина од Вас ни посакаа топло добредојде во Македонија, рече амбасадорот Џес Бејли на приемот по повод прославата на Денот на Американската независност во амбасадата на САД. Тој истакна дека американците се горди што се пријатели и партнери со македонскиот народ, додека се стреми да создаде просперитетна, динамична и мултиетничка демократија.

„Оваа година додека ја славиме 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија, се потсетуваме на нашето партнерство и достигнувања. Зад нас имаме значајни достигнувања - од официјалниот почеток на нашите односи во 1995 година, преку нашата Декларација за стратешко партнерство и соработка од 2008, се до нашето колективно дејство да се соочиме со предизвиците на денешнината. Народите на нашите две земји работеле заедно во бизнисот, стоеле рамо до рамо на бојното поле, споделувале култура и знаење преку програмите за размена и изградиле трајни пријателства засновани на доверба и замено почитување. Нашите нации имаат многу заеднички нешта. Ние сме мултиетнички земји кои не се дефинирани од една етничка група и еден јазик. Оваа разновидност е извор на сила, која во исто време поставува предизвици кои мора да продолжиме да ги надминуваме. За да постигнеме напредок мора да работиме заедно“, рече амбасадорот Бејли.

На прославата присуствуваше државниот врв на Македонија, претставници на политички партии, верски заедници, дипломатскиот кор и гости од бизнис секторот и од другите општествени области во земјава.