Честитка од Иванов до Обама по повод Денот на независноста на САД

03.07.2015 11:54

Претседателот Иванов во честитката посочува дека односите со Соединетите Американски Држави за нас се исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати честитка до американскиот претседател Барак Обама по повод Националниот празник на САД, 4 јули - Денот на независноста.

Претседателот Иванов во честитката посочува дека односите со Соединетите Американски Држави за нас се исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. Соединетите Американски Држави даваат силна и континуирана поддршка на напорите за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во регионот, како и за остварување на стратешките надворешнополитички цели на Република Македонија. 

„Одамна заслуженото полноправно членство на нашата држава во НАТО, како и натамошната интеграција во Европската унија, стабилноста и просперитетот на регионот, продлабочувањето на регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи остануваат да бидат највисоки приоритети но и предизвици на нашата надворешна политика. Имајќи ги предвид бројните безбедносни закани за регионот, пролонгираната status quo состојба во евроатлантската интеграција на Република Македонија веќе не е само политичко туку и безбедносно прашање. Затоа, искрено се надеваме на Вашата лична поддршка и поддршката од Соединетите Американски Држави во насока на добивање на заслуженото полноправно членство во НАТО“, стои во честитката.

Претседателот Иванов во честитката посочува и на подготвеноста на Република Македонија за натамошна успешна соработка со Соединетите Американски Држави во сите области од заемен интерес, како заеднички придонес кон просперитетот на регионот на Југоисточна Европа, но и воопшто, во глобални рамки, како стратешка определба на нашите држави.