Легализирани 71% од дивоградбите во Општина Илинден

03.07.2015 12:27

Во првите шест месеци од годината решени се 434 предмети, речиси исто колку и во истиот период минатата година, со што Општината продолжува во континуитет да го реализира процесот на легализацијата...

Општина Илинден досега реши вкупно 4.285 предмети, или 71 % од пристигнатите 6.152 барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Со ова Општина Илинден продолжува да биде водечка општина во државата во процесот на легализацијата на дивоградбите.

Во првите шест месеци од годината решени се 434 предмети, речиси исто колку и во истиот период минатата година, со што Општината продолжува во континуитет да го реализира процесот на легализацијата. Општина Илинден ги повикува сите граѓани што поднеле барања за легализација и нивниот предмет е во постапка, навреме да ги комплетираат потребните документи, да донесат елаборати и да не го чекаат последниот рок за тоа, 31 декември, 2015 година, соопштуваат од општината.

Граѓаните на Општина Илинден масовно ги искористија поволностите што ги понуди Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со легализацијата за само едно евро за метар квадратен, дивоизградените објекти ќе можат да се отуѓуваат, да се пренесуваат правата на користење, бидат предмет на оставинска постапка, да бидат предмет на било каков промет, продажба и слично, ќе можат да бидат предмет на залог во банка за некакво побарување. Со легализацијата се овозможува и доградба или, надградба на објектите.