Регистрирани првите 13 барања за азил

03.07.2015 14:07

Министерството за внатрешни работи во изминатото деноноќие издаде 992 нови потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на странските државјани кои илегално влегуваат на нашата територија...

Регистрирани се првите 13 барања за азил во Република Македонија откако стапија на сила измените и дополнувањето на Законот за Азил и привремена заштита. Овие 13 барања се однесуваат на 17 лица од кои 13 возрасни и 4 деца. Сите лица се по потекло од Сирија на возраст од 19 до 57 години. Од нив 6-мина се мажи, а 7 жени, соопштуваат од МВР.

Министерството за внатрешни работи во изминатото деноноќие издаде 992 нови потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на странските државјани кои илегално влегуваат на нашата територија.

Вклучувајќи ги и овие, во периодот од 19.06.2015 до 03.07.2015 година, издадени се потврди на вкупно7.386 странски државјани, од кои, 5.786 се од машки пол, 939 се од женски, 651 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште десет деца на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија- 4.863, потоа Авганистан-698, Ирак-440, Пакистан-337, Сомалија- 268, Конго-238, Палестина-195, додека останатите се во помал број.

До 17 часот вчера, три мобилни екипи на Црвениот крст укажаа прва помош на околу 360 лица на железничките станици во Гевгелија и Табановце, околу 200 интервенции на лицата во Гевгелија и околу 120 интервенции на лицата во Табановце. Дистрибуирани се  360 шишиња вода и осум пакувања пелени на граничен премин и 54 шишиња на железничката станица  во Гевгелија. Реализиран е транспорт на две деца и тројца возрасни до Oпштата болница во Гевгелија од каде, по укажаната помош се вратени на железничката станица.

Во текот на денот Министерството за здравство изврши дезинфекција во Куманово на 800 метри квадратни вагони и 100 метри квадратни чекална и перон, потоа дезинфекција на вагони Табановце од 400 метри квадратни, дезинфекција во Скопје на 800 метри квадратни вагони и дезинфекција во Гевгелија на 1.300 метри квадратни површина на железничката станица и автобуската станица.

Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за денеска се евидентирани вкупно 44 баратели на азил, од кои 28 мажи, 10 жени и 6 малолетни лица со придружба на старател. Од вкупниот број присутни, тројца се со повреди на долните екстремитети (двајци мажи и една жена), додека бремени и малолетни лица без придружба на старател нема.