Четири лица загинаа во тешка сообраќајка кај Колари

03.07.2015 15:48

Во тешката сообраќајна несреќа што вчера попладне се случи кај селото Колари на магистралниот пат Кичево-Скопје животот го загубија четири лица, од кои две малолетни деца. Две лица со тешки телесни повреди се пренесени во Ургентниот центар во Скопје...

Од здобиените повреди на местото на трагедијата починале две малолетни девојчиња родени 2013-та и 2015-та година и двете од кичевското село Зајас, додека во кичевската болница починал 46-годишниот Амзи И. од Скопје. Доцна синоќа на повредите им подлегна и 26-годишниот Деар А., татко на девојчињата, кој по реанимацијата во Специјалната болница во Охрид бил упатен кон Скопје.

Во тешката сообраќајна незгода со тешки телесни повреди се здобиле мајката на девојчињата 26-годишната Х.А. и 31-годишниот В.А. од скопското село Свиларе, кои се пренесени во Ургентниот центар во Скопје.

„Двете возила се наоѓале на левата коловозна лента гледано од правец од Гостивар кон Кичево.Тука е случен сударот со предните делови на двете возила и во овој момент напоменувам дека од преземените мерки кои се во тек ќе се утврди што всушност се случило и како дошло до директен судар помеѓу двете возила“, изјави Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

На лице место синоќа е извршен увид во присуство на јавен обвинител,по чија наредба ќе се изврши обдукција на телата на починатите и вештачење на моторните возила „Волво“ и „Форд Конект“.

 

Сашо Нелоски