Летна школа на ФЕИТ- предизвик за студентите
Според професорот Ќосев од Институтот за електроника, студентите имаа можност да видат како нивните замисли се реализираат во пракса...

Иако цела година ја поминуваат со книга в рака, ни преку лето студентите од „Електро“ не одмараат. Наместо на плажа како голем дел од нивните врсници, тие во слободно време се во амфитеатрите и напорно работат на проекти. За Бојан и Добромир вака минуваат летните месеци. Велат технологијата ни е предизвик, а летната школа можност да се стекнеме со знаење и да бидеме во чекор со најновите светски трендови. Се надеваат дека догодина ќе работат на поголеми проекти.
„Покрај целата теорија која ја учиме преку целата година и лабораториските вежби , ова е совршен начин да покажеме како ние сме го совладале материјалот и да покажеме дека навистина знаеме да работиме со електроника“, вели Добромир Алексиќ.
„Ако научам нешто ново ќе бидам побогат наместо да лежам на некоја плажа. За се има време, сигурно ќе одам на одмор, но пет дена е доволно време за да се научи нешто ново да се проба нешто ново, сепак искуството останува“, додава Бојан Максимовиќ.
Според професорот Ќосев од Институтот за електроника, студентите имаа можност да видат како нивните замисли се реализираат во пракса.
„Драго ми е што студентите, по завршување на испитната сесија, сепак доаѓаат на летната школа. Имаме и средношколци учесници кои сакаат да научат за оваа област. Всушност, тие имаа можност теоретски да се запознаат со микрокомпјутерските системи и практично да ја реализираат својата замисла“, изјави професорот Јосиф Ќосев.
Школата се организира по петти пат, а оваа година учествуваат педесетмина. Најдобрите си заминаа со награди.
Викторија Милевска
