МТВ со полициска патрола: Колку се почитуваат сообраќајните правила?

03.07.2015 16:27

Од сообраќајната полиција велат дека во Скопје се најкритични булеварите каде што се вози брзо. Најмногу страдаат пешаците...

Овие слики се резултат на брзо возење, непочитување на сообраќајните прописи, возење под дејство на алкохол. Во полициските билтени секојдневно се регистрираат  по неколку несреќи. Се почитуваат ли правилата? МТВ на терен со полициска патрола. Возачите велат дека внимаваат на секои поединости.

„Својот живот си го штитам на тој начин и на сите тоа би им го препорачала... Убаво е поединечно луѓето да се освестуваат, но сепак тоа е индивидуално“, велат возачите што ги анкетиравме.

Од сообраќајната полиција велат дека во Скопје се најкритични булеварите каде што се вози брзо. Најмногу страдаат пешаците. Еве кои неправилности најчесто ги евидентираат и казнуваат полицајците овде.

„Најприсутен е прекршокот брзо возење, особено во летниот период и во ноќните часови. Генерално најчест прекршок од страна на возачите е користење на мобилниот телефон, бележиме подобрување во однос на користењето на сигурносниот појас, а иако недоволно, подобрена е состојбата во однос на обврските кон пешаците“, вели Јасмина Јаначковска, водич на безбедносен реон во одделение на БПС – Скопје.

Моторциклистите најчесто се казнети за неносење заштитен шлем, а пешаците за поминување на црвено и на непропишано место.

Честопати луѓето се лажат со мислата дека ако возат брзо, чќе стигнат порано. Казната за брзо возење е од 25 до 300 евра, може да ја платат, но дали се спремни да ја платат цената на животот. Затоа кампањите имаат за цел да влијае врз свеста кај граѓаните и да се подобри сообраќајната култура.

Статистиката бележи благ пад на сообраќајни несреќи  во Скопје во првите 5 месеци- 277 наспроти 311 со потешки последици, лани. На ниво на држава  пак, во првите 6 месеци  лани имало 71 жртва, годинава настрадале 52-ца. Оценките на надлежните се дека заслуга за надолениот тренд имаат и кампањите.

„На подрачјето на град Скопје, иако подобрувањето е со помал процент, сепак има подобрување, а има простор и за понатамошно подобрување и работа на сите засегнати институции“, изјави Боби Ѓеоргиев, главен инспектор, раководител на отсек Превенција по сообраќајни работи.

Бројот на жртви во сообраќајни несреќи до 2020-та да се намали значително, да нема  деца- жртви. Ова е главната стратешка цел на Втората национална стратегија  за унапредување на безбедноста на патиштата, презентирана деновиве. Најмногу ќе се внимава на најранливата категорија, пешаците и велосипедистите. Но  сепак, се чини најважна останува свеста на граѓаните.

Наташа Гркова- Петрушевска