Со „Бело лето“ отворена туристичката сезона во Охрид

06.07.2015 10:31

Со манифестацијата „Бело лето“ синоќа и официјално е означен стартот на главната туристичка сезона во Охрид. Градот е полн со гости кои синоќа уживаа во концертот на кој настапија „Слаткаристика“, Тајзи и „Саунд месинџерес“, а угостителите работеа до раните утрински часови...

Охрид во изминатите 24 часа дишеше со полни гради. Илјадници туристи уживаа во концертот на градскиот плоштад, но и во рестораните и кафулињата кои работеа до раните утрински часови. Според првичните оценки стартот на туристичката сезона е еден од најуспешните во изминатата деценија, а кризата во Грција придонесе дел од туристите од земјата и регионот да дојдат во Охрид.

„Она што Охрид како град го нуди, не зборувам како локална самоуправа, туку како град со целиот туристички потенцијал е доволно промовиран и во државава и низ балканските држави и пошироко. Сметам дека сите оние кои сметаат дека Грција во овој момент не им е добра опција да го поминат својот летен одмор,сигурен сум дека ќе го изберат Охрид“, изјави Ѓоко АпостоловТЛЕР-Општина Охрид.

Искористеноста на хотелските капацитети викендов е околу 80 проценти, а хотелиерите даваат огромна подршка на новите содржини.

„Ова е пример како треба да се организираме и дека навистина Охрид заслужува вакви забави. Секоја организација, секоја промена е добредојдена во интерес на гостите. Ова е потреба за развој на туризмот бидеќи тој не е само хотелското сместување, туку гостите треба да имаат и забава. Ова е пример за поздравување“, изјави Љупчо ЦветаноскиХотел „Климетица“.

Во синоќешната забава уживаа и гостите и домаќините.

„За сега е феноменално и вака треба да се продолжи. Во сите туристички места во светот се одржуваат културни манифестации, луѓето се дружат и забавуваат и се здружуваат што е најбитно“, вели жител на Охрид.

Овде сме веќе трет ден од нашиот престој во Македонија и ми се допаѓа. Охрид е чудесно убав град, си поминуваме преубаво“, вели турист од Англија.

Сме го препатувале целиот регион,но она што го нуди Охрид е далеку подобро. Кога видовме дека Македонија се нуди на англискиот пазар веднаш знаевме дека не смееме да ја пропуштиме“, додава туристка од Анлгија.

Манифестацијата „Бело лето“ е најава за она што следува ова лето во Охрид. Период од годината за забава и уживање, време кога се спојуваат денот и ноќта.

 

Сашо Нелоски