Дојран- силен туристички адут
Дојран е нашиот нов силен туристички адут кој последниве години го смени ликот станувајќи атрактивно место за одмор. Пристапни цени, модерни сместувачки капацитети, уредени плажи. Владините инвестиции и ангажманот на локалните власти го урбанизираа местото и го вратија на туристичката мапа. Премиерот Никола Груевски најави нови инвестиции во туризмот...

Полни плажи, ресторани, кафулиња, хотели. Уште на стартот на летото, Дојран преполн со домашни и странски туристи. Интервенциите во инфраструтурата, подобрувањето на квалитетот на услугите и зголеменото ниво на езерото ги дадоа очекуваните резултати.
Од 2007- та бројот на туристи двојно е зголемен, рече премиерот Никола Груевски кој денеска беше во посета на Дојран. Најавени се и нови инвестиции. Веќе се продадени две локации на кои ќе се градат нови хотели.
Но, разубавувањето на Дојран не застанува тука. Владата гради пешачка и велосипедска патека околу Дојранското Езеро која треба да биде готово до крајот на годинава. Досега се реконструирани 31 километар патишта. Инвестиција од 210 милиони денари. Жителите на селото во близина, Николиќ, ќе добијат нов пат. Таму Груевски, градоначалникот Стамов и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Спасески го пуштија во употреба новото мултифункционално спортско игралиште. Инвестиција вредна 8,2 милиони денари.
Од 259.000 во 2009-та, бројот на туристи лани се зголемил на 425.000 илјади. Ова според премиерот Никола Груевски, се должи на владините субвенции во туризмот кои носат одлични резултати. Тој најави дека веќе се прават преговори со една од најпознатите компании во светот за нискобуџетни летови за нова тура нови линии коишто би ги поврзале Скопје и Охрид, со различни дестинации во Европа и надвор од неа.
Викторија Милевска
