Париз: Топката е во рацете на Атина

06.07.2015 12:31

Според задолжувањата на Грција во Европската централна банка, Франција е втор кредитор со околу 42 милијарди евра, по Германија со 56 билиони. Но, официјален Париз сепак уверува, нема опасност за француската економија. Дали така мисли и германската канцеларка Меркел којашто вечер е на итен состанок со претседателот Оланд во Париз?

Стотина лица во Париз ја прославија победата на „НE“ на грчкиот референдум, на прво место симпатизерите на францускиот Фронт на левицата, сестринската партија на Сириза.

Вечерва претседателот на Франција, Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел, ќе се сретнат во Елисејската палата, каде ќе разговараат за последиците од грчкиот референдум.

Во соопштението на Елисејската палата се наведува дека средбата доаѓа во рамки на постојаната соработка меѓу Германија и Франција за придонес кон трајно решение за Грциј, vо пресрет на утрешниот вонреден самит на еврозоната.

„По едно толку спектакуларно и масовно гласање на грчкиот народ, што е тешко за толкување, но тоа беше масовно гласање на поддршка на премиерот, најмалото нешто е да европските раководители на еврозоната се состанат“, изјави Мишел Сапан, министер за финансии на Франција.

Притоа францускиот министер за финансии, Мишел Сапан оцени дека сега „грчката влада е таа која треба да дава предлози.

„Грција и грчкиот премиер се тие кои што треба да даваат предлози. Вие ме прашавте кои видови на предлози. Ние целата измината недела работевме како што ви реков со претседателот на републиката, со Јункер и претседателот на еврозоната, Централната европска банка и Грците, за еден предлог кој не е отфрлен. На масата постои основа за дијалог, но Грција е таа која треба да ни докаже дека го сваќа сериозно дијалогот и дека знае дека ќе остане во еврозоната и дека има одлуки кои треба да се донесат“, вели Сапан.

Според Мишел Сапан, предлогот по кој може да се дискутира е олеснувањето на грчкиот долг во првите години за да може таа да излезе од кризата, нагласувајќи дека дијалогот со Атина бил зачуван најмногу благодарејќи на Оланд, Јункер и Дијслеблом.

Тој исто така ја повика Европската централна банка да ја зачува линијата на ургентна помош во готовина, потстетувајќи на нејзината незавсност, бидејќи ако банката од Франкфурт ја затвори салвината на готовина за грчките банки, Грција ќе се најде во ситуација на недостиг на евра и ќе мора да издаде паралелна монета.

Портпаролот на француската влада, Стефан Ле Фол, покажувајќи се смирен за ризиците за француските финансии наспроти новата ситуација, смета дека топката сега е во рацете на Атина.

Поранешниот француски премиер и еден од потенцијалните претседателски кандидати на опозицициските  Републиканци, Ален Жипе побара од ЕУ да „организира“ излез на Грција од еврозоната и тоа „без драма“.

„Грција има добиено огромни износи од структурните фондови на ЕУ, добар дел од нејзиниот банкарски долг е избришан, накратко имаме направено многу за да и помогнеме. Тоа, значи дека  Грција веќе не е во можност денес да ја почитува дисциплината на еврозоната. Обидите да се задржи таму по секоја цена, од страна на ад хок аранжмани ќе го ослабне целиот систем. Ние треба да и помогнеме да го органзира своето излегување, без драма. Што не значи дека мора да ја напушти Унијата. Таа може, ако сака, да го задржи своето место како другите земји-членки кои не се приклучија на еврозоната“, вели тој.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ