Нови огласи за поддршка на вработувањето

06.07.2015 13:47

Владината стратегија се реализира, утврдија денеска министерот Спасов и дректорот на Агенцијата за вработување, Поповски...

Објавени се четири нови огласи од мерките на Владата за поддршка на вработувањето. Невработените или сопствениците на компаниите ќе можат да бараат поддршка од 5 до 23 илјади евра.

„Сите заинтересирани невработени или сопственици на постоечки компании ќе можат да аплицираат на огласите кои што се објавени и може да земат кредитни средства од 3.000 до 5.000 до 7.000 евра за самовработување или по 3.000 евра односно по 4.000 евра за отворање на ново работно место што значи дека кредитите може да се движат од 5.000 евра па се до 23.000 евра за младите лица до 29 години меѓутоа и воопшто за сите невработени  коишто имаат бизнис идеја“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Владината стратегија се реализира, утврдија денеска министерот Спасов и дректорот на Агенцијата за вработување, Поповски, кои ја посетија компанијата „Даути Комерц“.

Сопственикот на компанијата, Џемаил Даути, посочи дека мерките за вработување кои што ги нуди државата исклучително помагаат во отворање на нови работни места на компаниите кои се развиваат и дека самата компанија има веќе искористено неколку од нив. Вработени се над 30 нови работници од кои 25 се млади луѓе со искористување на мерката за ослободување од плаќање на социјални придонеси којашто сега е дел од проектот „Македонија вработува“.