Мерки за вработување: Објавени четири нови огласи

06.07.2015 15:06

Објавени 4 нови огласи од мерките на владата за поддршка на вработувањето. Невработените или сопствениците на компаниите ќе можат да бараат поддршка од 5 до 23 илјади евра. Владината стратегија се реализира, утврдија денеска ресорниот министер Спасов и директорот на Агенцијата за вработување, Поповски...

Невработените и бизнисмените ќе може да аплицираат за некој од четирите огласи за мерките за кредитирање за самовработување и отворање нови работни места. Македонските компании преку поволни кредите ќе имаат можност да го прошират својот бизнис, а невработените  да ја реализраат својата идеја. За таа намена можат да подигнат кредит од 5.000 до 23.000 евра. Каматната стапка е 1%, со грејс период од 1 до една и пол година и рок за враќање од 5 до 7 години. Министерот Спасов вели дека овие мерки досега отвориле 4.200 работни места.

„Можат да аплицираат на огласите кои што се објавени и може да земат кредитни средства од 3.000 до 5.000 до 7.000 евра за самовработување или по 3.000 евра односно по 4.000 евра за отворање на ново работно место што значи дека кредитите може да се движат од 5.000 евра па се до 23.000 евра за младите лица до 29 години меѓутоа и воопшто за сите невработени  коишто имаат бизнис идеја“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

„Сите што ќе аплицираат до 20 јули, ќе добијат одлука до 10-ти август, а оние кои ќе поднесат апликација до крајот на месецов, за нив ќе биде одлучено после 10-ти август“, соопшти директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски.

Сопствениците на компаниите кои ги користат владините поволности ги отворија вратите за нови вработени. Велат дека мерките за вработување преставуваат огромна помош за  компаниите кои се во развој.

„По основ на овие мерки имаме примено 31 вработен, вкупно имаме примено 76. 25 лица е вработени со мерката вработување млади лица до 29 години“, вели Џемаил Даути, сопственик на компанија.  

Огласот е објавен денес и ќе трае  до крајот на јули. За да им се излезе во пресрет на сите апликанти огласот ќе биде поделен во два дела.

Викторија Милевска