МВР расчисти случај на ограбување мигранти
За време на викендов се издадени околу 1.200 потврди за намери за азил на странските државјани. Вакви од 19-ти јуни имаат добиено 8.595 странски државјани, претежно од Сирија. МВР расчисти едно кривично дело во кое се ограбени двајца мигранти...

Полицијата расчисти случај на ограбување мигранти. Жител на Конче им украл ранци на двајца бегалци на гевгелиската железничка станица, во кои имале поголема сума пари, имале и потврди, и требало да заминат со воз.
„Случајот бил пријавен и во УНХЦР и во полиција. Лицето било идентификувано, полицијата и УНХЦР се упатиле кај лицето. Кај него биле пронајдени ранците, а лицето е лишено од слобода“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР.
Викендов полицијата издала нови 1.200 потврди на илегални мигранти кои влегле во државава, со намера за поднесување барање за азил. Од 19-ти јуни до денеска, информираат од МВР, бројката на вакви издадени потврди се искачи на 8.595. Најмногубројни се Сиријците, околу 5 илјади. Во дневниот регистар во Прифатниот центар се евидентирани 33-ца. Викендов активни биле и мобилните екипи на Црвениот крст. Прва помош им била дадена на 385 лица со 41 интервенција на граничните премини. Министерството за здравство продолжува со дезинфекција на вагоните и на железничките станици.
„МВР во координација со останатите надлежни институции продолжува да ги презема мерките и активностите согласно претходно изготвениот план за постапување со илегалните мигранти, односно зголемениот притисок од илегални мигранти којшто го имаме од јужната граница“, нагласува Котевски.
Досега барање за азил во Македонија побарале 13 возрасни и 4 деца. Сите се од Сирија. На социјалните мрежи се појавија фотографии на мигранти од грчката страна на границата. Според коментарите, грчките полицајци се присутни на граничниот појас, но не го спречувале нивниот влез од Грција во Македонија.
Наташа Гркова- Петрушевска
