Еврото по грчкото НЕ: Нема метеж во македонските менувачници

06.07.2015 17:08

Референдумското „не“ ја намали, оставката на Варуфакис ја врати вредноста на еврото во однос на доларот. Во банките и менувачниците низ Македонија вообичаено мирно. Граѓаните не стравуваат од потреси на европската валута...

По грчкиот референдум курсот на европската валута кон доларот падна под психолошката бариера од 1,1 долари за евро. Но изутрината се врати на старото ниво по оставката на грчкиот министер за финансии Варуфакис. Вакавата промена ја покажа чувствителноста на курсот поради случувањата во Грција.

Македонските граѓани не стравуваат за своите домашни заштеди во евра. Не се заинтересирани за промена во друга валута. Не очекуваат драстичен пад на курсот на еврото.

Според аналитичарите исходот од неделниот референдум во Грција може да резултира со потреси во зоната на употреба на единствената европска валута.

Во менувачниците денеска нема навалица од граѓани. Сопствениците велат дека понудата и побарувачката за сите валути е балансирана. Евра се купуваат и се менуваат како и секој друг ден.

Грчкото „НЕ“ ги потопи и берзите. Се уште е неизвесно како ќе реагира пазарот.

 

Сунчица Николоска