Претседателот Иванов во дводневна посета на Хрватска
На средбата со претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ – отворено прашањето за интеграцијата на земјава во НАТО и во Европската унија, за состојбата во Грција, но и за проблемот со мигрантите...

Го отворивме прашањето на членство на Македонија во НАТО. Долго време сме во чекалницата на Алијансата и нашите граѓани се фрустрирани, изјави во Загреб по средбата со претседателката на Хрватска, Колинда-Грабар Китаровиќ, македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
За шефот на државата неопходно е брзо решение на грчката криза поради можно прелевање во регионот. И за Грабар-Китаровиќ, неспорен е фактот дека членството во НАТО носи траен мир.
Во Загреб, средба и на македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски со неговиот домаќин Анте Котромановиќ, при што исто така е потврдена стратегиската заложба, земјава да се интегрира во НАТО.
