Произведен првиот воз за Македонски железници
Во градот Џуџо е македонска делегација, предводена од министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Ќе се разговара за реализација на договорот...

Во Кина, презентација на првиот воз произведен за Македонски желеници. Во градот Џуџо е македонска делегација, предводена од министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Ќе се разговара за реализација на договорот.
„Денеска е значаен ден за Република Македонија. За прв пат од независноста на државата успеваме да набавиме нови патнички возови. Најавите од пред неколку години, денеска станаа реалност. Првиот од вкупно шестте патнички возови што ги набавуваме е веќе произведен. Компанијата ЦСР се погрижи да ги запази роковите и за тоа сум им многу благодарен. Другите пет возови треба да се произведат во договорените рокови и очекувам дека во Македонија ќе се испорачаат согласно договорот“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, соопштуваат од министерството.
Со кинески „ЦСР Корпорејшн“, Министерството за транспорт и врски склучи договор за набавка на шест патнички гранитури со вкупен капацитет од 1.200 патници, што ќе покрива 60 проценти од линиите. Истите ќе бидат целосно климатизирани, опремени со вакум тоалети, енергетски ефикасни и ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност, односно ќе бидат произведени согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската Унија.
„Имам уверување од производителот дека овој прв новопрозиведен воз во најскоро време ќе биде транспортиран до Република Македонија и тој веднаш ќе се стави во сообраќај. Исто така имам уверување дека останатите пет возови ќе бидат произведени и транспортирани во Македонија согласно договорените рокови“, нагласи министерот Мисајловски.
Согласно договорот, Кинеската компанија ЦСР има обврска да ги испорача сите возови на почетокот на 2016 година. Набавката на возовите тежи 25 милиони евра, дел од кредитот на Европска банка за обнова и развој.
