Узурпирани 40 хектари државно земјоделско земјиште
Откриен втор случај на узурпација на државен имот. Станува збор за 40 хектари државно земјоделско земјиште. Според законските прописи родот ќе биде продаден, а средствата префрлени во државниот буџет...

Садел јачмен на државна парцела. Родот му го ожнеа Државниот земјоделски инспекторат. Откриен втор случај на узурпација на државен имот. Додека комбајнот жнееше не се појавија ни оние кои изминативе месеци ја обработувале земјата. Станува збор за 40 хектари државно земјоделско земјиште. Според законските прописи родот ќе биде продаден, а средствата префрлени во државниот буџет.
„И минатата година и оваа каде што утврдивме узурпацја на државно земјиште ставаме јасно до знаење дека родот ќе го земе државата. Но доколку се појават познати сторители ние ќе ги преземеме сите мерки, како и кривично гонење на узурпаторите“, изјави директорот на Државниот земјоделски инспеткторат, Румен Стаменов.
Со новите законски измени, Инспекторатот може да го одземе родот и од познати сторители, и да биде поднесена кривична и прекршочна пријава. Но, за овој случај постоел и обид за незаконска трансформација на земјиштето, велат инспекторите. Доставиле допис до Катастарот, правобранителството и МВР.
Првпат лани ваква интервенција имаше во Неготинско. Според Инспекторатот, чести се случаите на узурпација на имотот на РМ и во источниот и во западниот дел на земјава.
Во изминативе години Министерството за земјоделство дало под закуп 160.000 хектари земјоделско земјиште за што биле склучени 9.000 договори.
Дијана Ценевска
