На кои држави Грција им должи најмногу?
Грчкиот долг изнесува 180 проценти од бруто домашниот производ или над 300 милијарди евра. Проценките се дека излезот од слепата улица ќе трае долго и со многу странични негативни ефекти. Веќе почна да се чувствува негативен тренд во трговската размена меѓу Македонија и Грција...

Грција го чека „денот Д“ со долг од вртоглави 323 милијарди евра. Германија, Франција, Италија и Шпанија се државите на кои им должи најмногу пари. Берлин си бара назад неверојатни 68,2 милијарди евра, Париз 43,8, Рим 38,4, а Мадрид 25 милијарди евра. Земјата има големи и нерасчистени сметки со ММФ и Европската Централна Банка. Главното прашање на маса е што понатаму?
„Дали кредиторите ќе прифатат отпис на дел од долговите, тука ќе биде најпроблематичниот дел од тие преговори. Но, од друга страна, кредиторите ќе бараат, ако одобрат нови кредити, грчката страна кредибилно да се обврзе да направи структурни реформи во различни сектори од економијата, за да може преку процеост на обезбедување повисоки стапки на економски раст да може во иднина непречено да ги отплаќа своите обврски“, смета Владимир Филиповски, универзитетски професор.
Македонските бизнисмени велат дека е можно откажување на нарачките бидејќи Грција е во технички банкрот. Трговската размена меѓу двете земји драматично се намалува. Во првите пет месеци од годинава во однос на лани е пониска за речиси 110 милиони долари.
„Челните луѓе на Европската унија веќе заседаваат и бараат решение така што сигурен сум дека ниту Грција, ниту Европската унија нема да дозволат нешто поголемо да се случи“, смета Сеад Кочан, заменик претседател на ССК.
Последната инјекција за Грција од меѓународните кредитори беше во август 2014-та година. Договорот со еврозоната престана да важи на 30 јуни, кога грчката влада не успеа навреме да се раздолжи кон ММФ.
Сунчица Николоска
