Ќе се градат четири нови фабрики, две стартуваат со производство
До крајот на август ќе почне изградбата на четири странски фабрики. Две компании кои веќе ги изградија своите погони летово почнуваат со ангажирање на вработените и со производство. Премиерот Груевски најави дека новите инвестициитреба да отворат 5 илјади работни места...

Четири странски инвестиции ќе почнат градежни активности на нови индустриски капацитети, две фабрики ќе стартуваат со работа. Се регрутираат нови кадри. Во најава пет илјади вработувања.
„Во јули и во август се планираат четири почетоци на градби на фабрики кои се веќе најавени и два завршетоци на градба, односно почнување со производство. Се на се четири фабрики кои претходно беа најавени започнуваат со градба, а две се завршуваат и ќе почне производството. Сите заедно ќе вработат над 5 илјади луѓе во Република Македонија“, изјави премиерот Груевски.
Американски КСС во Кичево ќе гради фабрика за воздушни перничиња, ОДВ Елеткрик до април планира да влезе во новите погони во ТИРЗ Охрид- Струга. Италијанската Кондево- еден од главните снабдувачи на свтеските производители на бојлери во штипската зона почнува градежна експанзија, камен темелник на шест ипол илјади квадратен објект ќе постави и американскиот бредн Гентерм, кој планира тим од илјада вработени. Официјален старт на производството наскоро очекува од Техникал Текстајлс во Штип и Дијатек во Скопје.
За четири месеци, странските инвестиции достигнаа 105,6 милиони евра. Според Народната банка само во април странците внеле капитал вреден 36,8 милиони, за 27 милиони евра повеќе од истиот период лани.
Премиерот најави - нови странски инвеститори ќе почнат бизнис во Македонија. До септември ќе ги обелодени брендовите. Денеска го означи стартот на реконструкција на 15 улици во скопски Ѓорче Петров.
Сузана Фиданска- Стоевска
