In Memoriam Сузана Тодоровска-Павловска: МТР загуби врвен професионалец
Македонското Радио загуби почитуван, афирмиран и посветен новинар. Колеги, пријатели, долгогодишни соработници... во неверување и голема тага ја дочекаа веста за трагичната смрт на нивната колешка...

Остана празно столчето во студиото на Радио 2 од каде што Сузана Тодоровска-Павловска секој ден ги информираше слушателите за најновите културни случувања.
Македонското Радио загуби почитуван, афирмиран и посветен новинар. Колеги, пријатели, долгогодишни соработници... во неверување и голема тага ја дочекаа веста за трагичната смрт на нивната колешка.
„Сузе Тодоровска не го сакаше клишето. Ја сакаше авангардата, го сакаше филмот, го сакаше радиото посебно, и сето она што го направи, од првиот ден, затоа што од прв ден сме заедно, малку е да се каже во една реченица и е многу тешко новинарот да говори за колега кој го нема и чијшто глас нема да се слушне од утре натаму на програмите на радиото“, вели Јулијана Тануровска.
Во центарот на нејзиниот богат новинарски опус беа културните настани, а главен фокус филмската уметност и подвижните слики на кои им го посвети најголемиот дел од својата кариера.
„Сеуште мислам дека ова е некој лош филм и едвај чекам да се скине лентата и ние заедно со сузе да излеземе од кино салата и да кажеме дека режисерот ја утнал темата. Но, ова не е филм, ова е живот кој навистина беше суров за Сузе“, вели Бети Мемиќ.
Сузана Тодоровска- Павловска, дипломирала на Филозофски факултет, институт за Психологија. Од 1991-та работеше во Вториот програмски сервис на Македонското Радио.
Со нејзиниот професионален новинарски ангажман, посветеност и одговорност, во 1998 доаѓа на местото уредник во редакција.
Десет години подоцна е назначена за главен и одговорен уредник на вториот програмски сервис – Радио 2, функција која успешно ја извршуваше во наредните три години.
Пријателите и колегите велат –професионалец, но и ведра личност која секогаш знаеше да помогне секому.
Погребот ќе биде извршен утре на гробиштата во Ѓорче Петров.
Александра Перевска
