Македонија во жолта фаза- да се почитуваат препораките на лекарите
Во Македонија е пеколно жешко. Земјава влезе во жолта фаза, со високи температури и УВ индекс од 9. Генерално, препораките на лекарите се почитиваат, но што да се прави кога работа не може да чека? Такстисти, градежници и други работници и денеска на отворено ги завршуваа обврските...

35 степени, а не е ниту 12 часот напладне - сонцето пече, но за пари мора да се работи. Надлежните препорачаа во овој период од денот да не се излегува на отворено. Но сликата на терен поинаква. Градежниците, продавачите на отворено, такси превозниците мака мачат со високиот УВ индекс и горештините.
„Мора да работиме друг излез нема, пиеме вода, носиме со нас, се ладиме на фонтаните.“
„Кој те прашува денеска за дали е топло или не е, дали смееме или не смееме да излегуваме на улица. Во автомобил е 60 степени.“
„Се издржува, едноставно се издржува, мора да се работи“, велат дел од таксистите кои ги анкетиравме.
Граѓаните знаат дека земјава е во жолта алертна фаза - се трудат да ги почитуваат препораките на лекарите, но велат секојдневните обврски мора да се завршат.
„Имав потреба затоа бев надвор, меѓутоа кој нема нека не излегува и нека ги слуша советите на лекарите, затоа што навистина е топло.“
„Не треба да се излегува, но ете излегуваме што да правиме. Навикнати сме такво ни е поднебјето.“
„Секој спрема своите способности, здравје - тоа диктира дали да бегаш од сонцето или не“, велат дел од граѓаните.
Млад или стар- под сонцe тешко се издржува. Веќе од петок температурата ќе се спушти неколку степени, но ваквата промена ќе трае кратко.
Поради топлиот бран кој ја зафати државата надлежните препорачуваат граѓаните да носат лесна облека и да пијат повеќе течности, а постарите лица навремено да ја земаат потребната терапија.
Андријана Атанасовска
