Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со двојна предност пред СДСМ, Груевски ужива најголема доверба
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од двојна предност во однос на СДСМ. Никола груевски ужива најголема доверба. Ова се резултатите од најновата анкета на Американскиот Републикански институт, според која, ВМРО-ДПМНЕ е партијата која за граѓаните е најспособна да ги решава економските проблеми, прашањата поврзани со безбедноста, интеграцијата, корупцијата, владеењето на правото, меѓуетничките односи...

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ е со убедливо водство во сите сфери на општеството пред опозициската СДСМ – покажува анкетата на реномираниот Aмерикански републикански институт. ВМРО –ДПМНЕ подобро се справува со сите предизвици, има поголем капацитет да ја унапреди економијата, да ја намали невработеноста, да ги решава локалните проблеми – укажуваат испитаниците во анкетатa.
Според анкетата на ИРИ, ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од двојна предност пред СДСМ. На прашањето за која партија би гласале доколку утре се одржат парламентарни избори вкупно 23 отсто од граѓаните би ја дале својата поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, 11 отсто би гласале за СДСМ, за ДУИ би гласале седум проценти, а за ДПА три отсто.
Премиерот Груевски е со убедливо најголема доверба меѓу политичарите. Во него веруваат 18 проценти од анкетираните, што е за 2,5 пати поголема поддршка во однос на Зоран Заев кој има доверба кај само 7 отсто од народот. Али Ахмети е веднаш зад него со 6 отсто доверба, а во Менудх Тачи само 2 отсто од анкетираните граѓани веруваат.
Вкупно 28 проценти од испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ може подобро да ја развива економијата и да ја намалува невработеноста, а само 11 отсто од испитаниците сметаат дека тоа може да го направи СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски имаат поголема поддршка од граѓаните и во однос на локалната самоуправа, со предност од 24 проценти наспроти 9 отсто за СДСМ.
На прашањето која партија најнапорно работи за граѓаните 27 проценти од анкетираните одговориле дека тоа е ВМРО- ДПМНЕ, 13 проценти СДСМ, ДУИ 7 проценти и ДПА 3 проценти.
21 процент од граѓаните се изјасниле дека ВМРО-ДПМНЕ може поефикасно да се справи со криминалот и корупцијата. Довербата по ова прашање за СДСМ е само 7 проценти. Безмалку идентичен е процентот и за мислењето оти владеачката партија успешно може да се справи и со меѓуетничките проблеми.
Анкетата укажува дека кај 24 проценти од испитаниците преовладува мислењето оти владеачката партија може земјава полесно да ја интегрира во Европската унија и НАТО. 13 проценти имале мислење дека тоа подобро ќе го стори СДСМ.
Теренската анкета на Интернационалниот Републикански институт е направена од 6-ти до 15-ти јуни врз репрезентативен примерок од 1.105 испитаници.
Миле Ристески
