Кривични пријави за пет судии и тројца лекари, помогнале на обвинет за убиство да не одлежи затворска казна

08.07.2015 16:48

Судии од Прилеп, вработени во психијатриската болница во Демир Хисар и раководител во затворот Идризово му помогнале на осуденик за убиство да не одлежи десетгодишна казна. Добија кривични пријави за злоупотреба на службената положба...

Судско-лекарска спрега. Мотивот е се уште енигма. 5 судии од прилепскиот основен суд , тројца вработени во псијатриската болница Демир Хисар и раководител на затворската здравствена служба во КПУ Идризово,  заработија кривична пријава. На осуденик за убиство му овозможиле да не издржува голем дел од изречената казна.

„Ги пречекориле своите службени овластувања, преку донесување одлуки спротивно на Законот за извршување на санкциите, а дел од нив и преку изготвување на невистинита медицинска документација, со што му овозможиле на осуденикот (осуден на казна затвор во вкупно траење од 10 години и 7 месеци за кривични дела “убиство“ и “измама“) да не ја издржува казната затвор и да биде на слобода спротивно на Законот за извршување на санкциите и Законот за кривична постапка“, изјави Иво Котевски – помошник-министер за односи со јавноста во МВР.

Првоосомничениот судија донел решенија за прекин на казната затвор врз ирелевантна медицинска документација, без мислење од затворската здравствена служба, како и за лекување од позиција на слободен граѓанин, спротивно на дадено здравствено мислење.

„Не презел дејствија на присилно спроведување на доиздржување на казната затвор во КПУ „Идризово“, иако знаел дека рокот на важење на прекините на издржување на казната согласно со  Решенијата на Основен суд Прилеп бил истечен“, вели Котевски.

Според истрагата,четворицата други судии, гласале  за прекин на издржувањето на казната , без мислење од затворот Идризово.Тамошниот лекар направил мислења во кои внел невистинита содржина за здравствената состојба на осуденикот. Лекарите пак,  од психијатриската болница Демир Хисар до судијата доставиле Извештаи дека тој се лекува во установата во затвореното судско психијатриско одделение , што според истрагата информациите биле невистинити. 

Осуденикот издржувал затворска казна за убиство во 2006-та во Прилеп. Со ловечка пушка го убил Љупчо Коларовски поради нерасчистени должничко-доверителски односи.

 

Наташа Гркова- Петрушевска