Поливалентните вакцини ќе почнат да се користат од август
Пристигнаа шествалентните вакцини. Веќе се распределуваат низ јавните здравствени установи и ќе се користат од идниот месец. Наскоро ќе почне диструбицијата и на петвалентните...

Поливалентните вакцини се иднината на имунизацијата. Од вчера шестовалентните ги има и во Македонија. Премиерот Груевски најави дека во наредните две до три недели ќе се распределуваат низ здравствени установи во државава.
„Некаде на 1-ви август ќе започне нивното користење. Што се однесува до петвалентните вакцини, тие треба да пристигнат на почетокот на август и веднаш по нивното пристигнување ќе почне дистрибуцијата. Исто така ќе бидат потребни две до три недели да се дистрибуираат и нивното користење ќе започне од 1-ви септември. Со ова исполнуваме уште едно наше ветување дадено во програмата и пред македонските граѓани“, истакна премиерот Груевски.
Специфично за овие вакцини e што превенираат повеќе болестии не содржат жива. Во земјава до сега не можеа да се купат ни приватно. Родителите се снаоѓаа кој како знае и умее, некои ги носеа бебињата и во соседството на вакцинација.
Бебињата во земјава се боцкаат 17 пати. Развиените земји тоа го решиле со поливалентни вакцини- процесот на имунизација е скратен на 7 посети.
Со години здравствените власти велеа дека поливалентите вакцини се скапи, и државата неможе да ги набави.
Викторија Милевска
